Радио Слободна Европа поднесе жалба на низа руски судски решенија за изрекување на казните врз медиумот за непочитување на новите ограничувања според контроверзниот закон за „странски агенти“ на земјата. Адвокатите на РСЕ ги поднесоа жалбите против одлуките на Окружниот суд во Москва кој одобри неколку административни протоколи доставени од рускиот регулатор на медиуми Роскомнадзор „за непочитување од страна на медиумите кои вршат функции на странски агенти, согласно законот за етикетирање на информациите дистрибуирани од нив“.
Меѓу другото, законот за странски агенти предвидува одредени новински организации кои добиваат странски средства да ја обележат објавената содржина во Русија како произведена од „странски агенти“. Адвокатите на РСЕ во своите апели наведоа дека потезите на јавниот сервис ги спречуваат новинарите да вршат професионални активности и се спротивставуваат на рускиот устав и законите за медиуми со ограничување на конкуренцијата.
Во апелите, исто така, се вели дека цензурата е официјално забранета во Русија, нагласувајќи дека наредбите на Роскомнадзор „ќе ја нарушат суштината на известувањето, ќе го променат начинот на кој публиката ги прима информациите“. Според адвокатите, постапувањето по барањата на Роскомнадзор би создало недоверба и отфрлање на извештаите од проектите на РСЕ, додека многу од барањата не можат да бидат ниту технички извршени.
„Овие казни не претставуваат ништо помалку од кампања на присила и заплашување спонзорирана од државата, насочена кон медиумска компанија чија уредничка независност е заштитена со закон“, рече регионалниот директор на РСЕ за Европа и ТВ-продукција Кирил Сухотски.
Рускиот суд казни неколку проекти на Радио Слободна Европа на руски јазик и неговиот генерален директор со вкупно 1,1 милиони рубљи, односно околу 14500 долари, за непридржување до новите рестрикции според законот за „странски агенти“.