Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи соопшти дека на денешната седница на Економско социјалниот совет се потврдила намерата на Владата, недела да се прогласи за неработен ден.
„За нормално функционирање на државата факт е дека ќе има можност одредени работодавачи/правни субјекти да работат но само во определени дејности и тоа само оние работодавачи кои ќе можат да покажат дека технолошко-производствените процеси не смеат да се прекинат (значи не сите работодавачи во тие определени дејности!). Останатите работодавачи (и тие работодавачи чии технолошко-производствени процеси смеат да се прекинат во наведените дејности а и сите работодавачи во дејностите кои не се наведени во исклучоците) нема да смеат да работат“, соопштија од кабинетот на Битиќи.
Во случај да го прекршат законот и да работат во недела, според министерот, ќе следи соодветна ригорозна казнена мерка. За работниците во дејностите кои ќе спаднат под исклучоците, работодавачите ќе треба да им го платат работењето во недела согласно законите и колективните договори и ќе треба да одредат друг ден кој ќе биде ден за неделен одмор.
„Недела неработен ден“, као што се наведува во соопштението, е приоритет и дел од политиките кои ќе доведат до зголемена социјална рамноправност и заштита на работничките права.