Во Собранието доцна попладнево продолжи јавната расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование. Професор д-р Петар Атанасовски во своето обраќање запраша каков е тој концепт за кој образовни институции и соодветни факултети се изјаснуваат негативно. Според него, тоа е поразувачки и многу здруженија на професори од различни науки и дисциплини не дале поддршка.
„Најавата за големи промени не ги радуваат учесниците во образовниот процес. Искуството покажа дека големите промени ни прават голема штета. Во овој момент во јавноста предизвикувате конфузија, се однесувате арогантно особено со средношколците и не успевате да возвратите на критиките, избегнувате медиуми, не сакате да дебатирате со стручната јавност“, нагласи Атанасовски.
Според проф. д-р Митко Панов, со овие промени ништо не се менува, само се прави маска. Неговиот колега Никола Минов ја повика министерката Мила Царовска и креаторите на концепција, како што рече, да ги послушаат попаметните луѓе во државава и во Европа, дека историјата треба да остане самостоен предмет.
За проф. д-р Мирјана Најчевска, оваа промена во образованието требала да се случи уште пред 30 години.
„Гледам добра основа во понудената концепција, не велам дека е совршена, но оваа и ваква концепција е токму она што ни е потребно во моментот“, рече Најчевска.
Денеска во Собранието е отворена дебата за предлог реформите во основното образование кои предизвикаа гласна полемика и мнгу критики од опозицијата и од дел од стручната јавност. Несогласувањата се најбројни околу спојувањето на дел од предметите во еден.