Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека земјата ќе инвестира во започнување на домашното производство на руската вакцина „Спутник V“ против ковид-19 до крајот на годината. Тој истакна дека со неговиот руски колега Владимир Путин направиле првичен договор за почнување на процедурата за производство.
„Во моментов немаме производствени капацитети за „Спутник V“, но, ќе ги изградиме. Не е важно колку ќе чини, ќе инвестираме во тоа“, кажа Вучиќ и додаде дека целта на Србија е да произведува не само за свои потреби, но и за извоз во регионот.
Србија, со над 530.000 вакцинирани, или 7,5 отсто од населението, е на четвртото место во светот според бројот на вакцинирани на 100 жители, зад Израел, Велика Британија и САД. Вучиќ најави дека Србија годинава ќе потроши помеѓу 200 и 300 милиони евра за набавка на вакцини, или 0,7 отсто од БДП.