Вакцини и мускули
МАКЕДОНИЈА - Преку механизмот Ковакс ќе бидат распределени вкупно 337,2 милиони вакцини против ковид-19, од кои, Македонија ќе добие 103 200 дози. Ковакс иницијативата на Обединетите нации планира да ги испорача овие вакцини во првата половина од годинава во 145 земји во светот. Според Ан Линдстранд од Светската здравствена организација, испораките би можеле да почнат кон крајот на февруари.
МАКЕДОНИЈА - Кривичниот суд им одреди притвор од 30 дена на креаторот и администраторот на Јавна соба. Од судот информираат дека денеска пред судија на претходна постапка биле спроведени две лица осомничени за кривичното дело- Производство и дистрибуција на детска порнографија.
СРБИЈА - Поранешниот началник на Генералштабот на Југословенската армија, генералот Момчило Перишиќ, денеска е осуден од Високиот суд во Белград на три години затвор за шпионажа. Според пресудата, Перишиќ е осуден за давање тајни информации на вработениот во Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Белград, Џон Нејбор.
МАКЕДОНИЈА - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска побара предвремени парламентарни избори и предложи пописот да се одржи во март или во април 2022 година.
РУСИЈА / САД - Кремљ денеска ги опиша коментарите на американскиот претседател Џо Бајден за Русија како агресивни и неконструктивни, но рече дека се надева оти двете земји можат да ги остават на страна своите разлики и да соработуваат таму каде што има смисла, јави Ројтерс. Бајден вчера во своето прво дипломатско обраќање како претседател вети нова ера на надворешната политика на САД и рече дека му рекол на рускиот претседател Владимир Путин да очекува „помускулест“ американски пристап кон врските со Москва.
МАКЕДОНИЈА - Целта на реформата е да го осовремениме нашето образование со нов модел на наставата кој е инспириран од образовните системи на развиени земји во Европа и светот, но имајќи предвид нашите автентични општествено-економски состојби и заедно со светските искуства да создадеме национален, македонски модел на основното образование, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето со кое почна јавната собраниска расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование.
МАКЕДОНИЈА - На денешното рочиште за случајот Организатори на нередите во Собранието од 27 април 2017, сведочеше поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој рече дека на 27 април 2017 година имал интензивни комуникации со своите колеги задолжени за извршување на полициски акции и дека немал никаков контакт со обвинетите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Рече и дека тој ден само се слушнал со поранешниот премиер Никола Груевски кој бил загрижен и дека ако некој кажел дека Чавков тој ден бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, тој лаже.
КОСОВО / СРБИЈА / БЕЛГИЈА - Претставникот на Европската унија (ЕУ)за Балканот и за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, денеска соопшти дека ќе претстави планови за дијалог меѓу двете страни пред претставниците на ЕУ во следните недели и посочи дека има силна поддршка од сите земји-членки на Унијата.
РУСИЈА / БЕЛГИЈА - Шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, ја почна средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, со констатацијата дека меѓусебните односи живеат тежок момент. Оваа средба во Москва е прва со висок претставник на ЕУ на руско тло во последните четири години.
мјанмар - Советот за безбедност на ОН усвои декларација за Мјанмар, во која изразува длабока загриженост за наметнатата вонредна состојба и бара ослободување на сите уапсени. Текстот, составен од Британија, не го осудува воениот удар, како што е предвидено во првата верзија на декларацијата претставена на вонредниот состанок во вторникот. Кина и Русија беа против формулацијата, соопштија дипломатски извори.
ТУРЦИЈА / САД - Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу ги обвини САД дека стојат зад неуспешниот воен удар во 2016 година во Турција, за кој Анкара го обвини муслиманскиот проповедник Фејтулах Ѓулен. Сојлу за турскиот весник Хуриет изјави дека САД се обиделе да управуваат со пучот, а мрежата на Ѓулен го изведувала воениот удар, додека Европа беше воодушевена по тој повод. Многу е јасно дека САД стојат зад 15 јули, посочи Сојлу.
САД - Претседателот на САД Џо Бајден вети нова ера во надворешната политика на САД, прогласувајќи Америка се врати на глобалната сцена и вети дека ќе се спротивстави на, како што рече, авторитаризмот во Кина и Русија.
РУСИЈА - Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој оваа недела беше осуден на скоро три години затвор, ги повика своите приврзаници да го надминат стравот и да ја ослободат Русија од крадците на власт.