Кривичниот суд им одреди притвор од 30 дена на креаторот и администраторот на „Јавна соба“. Од судот информираат дека денеска пред судија на претходна постапка биле спроведени две лица осомничени за кривичното дело- Производство и дистрибуција на детска порнографија.
Според образложението на судот, по произнесување на јавниот обвинител и двајцата осомничените лица, како и ценење на фактите и доказите кои биле приложени, судијата на претходна постапка го прифатил предлогот и донел решенија со кои на Д.К. и М.П. им е определена мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на опасност од бегство и основан страв дека ќе ја попречат истрагата со влијание на сведоците и ќе го повторат или довршат кривичното дело.
Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, според обвинителството, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата на Телеграм, со умисла дозволиле на нејзините членови да се направи достапна содржина, аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.
Предистрагата за случајот започна пред една година, а во меѓувреме групата повторно стана активна и МВР пред некој ден уапси 4 лица, а се трага и по други осомничени.