Основното јавно обвинителство Скопје во текот на вчерашниот ден до Министерството за внатрешни работи издаде наредба за лишување од слобода на две лица – креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм. По наредбата е постапено и лицата се лишени од слобода, соопшти денеска Основното јавно обвинителство (ОЈО).
„Надлежниот јавен обвинител денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајцата осомничени за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија по член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете“, се наведува во соопштението од ОЈО.
Бидејќи, според Обвинителството, постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Во врска со досегашните пријави од оштетени и жртви за определени членови на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, и натаму се прават проверки во предистражна постапка, па доколку се утврди дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера рече дека засилено се работи на случајот, но дека потешкотии имаат околу доказите бидејќи од плтформата Телеграм одбиваат соработка.
Случајот Јавна соба датира од пред една година, кога беа пријавени првите слоупотреби, но цела година остана во предистражна постапка. Пред 10-ина дена пак се актуелизираше со нови слоупотреби и со помасовна акција од надлежните.