Преку механизмот Ковакс ќе бидат распределени вкупно 337,2 милиони вакцини против ковид-19, од кои, Македонија ќе добие 103 200 дози. Ковакс иницијативата на Обединетите нации планира да ги испорача овие вакцини во првата половина од годинава во 145 земји во светот. Според Ан Линдстранд од Светската здравствена организација, испораките би можеле да почнат кон крајот на февруари.
Распределбата на количините ќе биде пропорционална на бројот на населението во секоја земја. Најмногу ќе добие Индија (97,2 милиони), потоа Пакистан (17,2 милиони), Нигерија (16 милиони), Индонезија (13,7 милиони), Бангладеш (12,8 милиони), Бразил (10,6 милиони), Кенија (4,2 милиони), Судан (3,4 милиони), Јемен (2,3 милиони) и Сирија (1,02 милиони).
Меѓу земјите во регионот, најмногу ќе добие Србија – 345.600 дози, потоа Босна и Херцеговина – 177.000, Албанија – 141.600, Македонија – 103.200, Косово 100.800 и Црна Гора 84.000 дози вакцини.
Ковакс ќе покрие трошоци за набавка на вакцините за 92 сиромашни земји, додека другите ќе ги добијат по пристапни цени.
Македонскиот министер за здравство Венко Филипче завчера најави дека во Македонија месецов вакцинацијата ќе почне со 200 000 кинески вакцини, а датумот на испорака на вакцините ќе биде познат деновиве. Опозицијата ја критикува власта дека потфрлила со вакцините, на што Филипче одговори дека тоа не е точно и дека Македонија го имала еден од најдобрите системи.