Борел: Случајот со Навални ги отежна односите ЕУ - Русија

Сергеј Лавров и Жозеп Борел во Москва

Шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, ја почна средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, со констатацијата дека меѓусебните односи „живеат тежок момент“. Оваа средба во Москва е прва со висок претставник на ЕУ на руско тло во последните четири години.

„Со сигурност, нашите односи се под тежок притисок, а случајот со Навални е во суштината“, вели Борел, и додаде деда „и покрај разликите, да се изгради ѕид на тишина не е опција“.

На својот блог, Борел напиша дека ЕУ го осудува апсењето на Навални и репресијата на неодамнешните демонстрации, но ја посочи и важноста од односите со Москва.

Опозиционерот Алексеј Навални пред неколку дена беше осуден на казна затвор од 2 години и 8 месеци поради прекршување на условна казна. Тој беше приведен по враќањето од Германија, каде се лекуваше по труењето со нервен агенс новичок. Тој директно го обвини Кремљ за труењето, што официјална Москва во целост го негира.