Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека за Србија е важно тоа што претседателот на Франција Емануел Макрон нема желба да наметнува свои ставови за Косово.
„Сто се однесува до Франција, таа го призна Косово, но претседателот Макрон има желба да ја сослуша и српската страна, што обично не е случај со многу земји кои ја признаа независноста на Косово“, изјави Вучиќ на прес-конференција во Палатата Србија по седницата на Српската влада на која присуствуваше.
Вучиќ се сретна со францускиот претседател на 1 февруари во Париз каде, како што најави и претходно, разговарале за можни решенија за Косово, евроинтеграциите на Србија и соработката меѓу двете земји на економски план.
По состанокот, претседателот на Франција рече дека во преговорите меѓу Белград и Приштина е важно да се најдат решенија за кои ќе се согласат двете страни.
„Единствените решенија што ќе доведат до напредок по ова прашање, а тоа е едно прашање што е од суштинско значење за вашата земја и за вашиот народ, се решенијата за кои ќе се согласат двете страни, кои се признати и кои ќе ни овозможат конечно да го решиме ова важно прашање“, рече Макрон.
По седницата на Владата, Вучиќ рече дека не смее да им се дава лажна надеж на граѓаните за позицијата на Србија по прашањето на Косово не смеат да се „преправаме дека работите на Косово се прекрасни“.
„Тие не се такви и нема да бидат. Оној што тоа го вели, тој лаже“, рече Вучиќ.