Случај „Јавна соба“: „Телеграм“ не одговара на барањата од МВР

Фотографија од вчерашниот протест пред МВР во Скопје поради случајот „Јавна соба“

Во случајот со злоупотребата на фотографии и лични податоци, претежно од малолетни девојки, во случајот со групата „Јавна соба“ на платформата Телеграм, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска информираше дека откако се приведени четири лица, одземени се телефони и други електронски уреди и дека нивното вештачење треба да заврши до крајот на денешниот ден или најдоцна утре. Додаде дека се работи на идентификација и на други лица од групата.

Добиените резултати од вештачењето ќе бидат доставени до Јавното обвинителство (ЈО), но, како што рече Спасовски на денешната прес-конференција, хендикеп е што од фирмата која стои зад платформата Телеграм одбиваат комуникација.

„И покрај повикот и од премиерот, и од мојот повик дека ќе преземеме и други конкретнио чекори против платформата Телеграм доколку не реагира, се избриша оваа група Јавна соба, но се уште нема никаква комуникација од страна на Телеграм, и тоа е потешкотија во изведувањето на доказите и за полицијата и за ЈО. Пред една година беа доставени сите барања и анализи кои беа можни од наша страна до Јавното обвинителство, а и сега многу ажурно и брзо нашето Министерство ги доставува сите анализи до ЈО. Се надевам, со ангажираност на сите, брзо ќе ги решиме овие случаи“, рече Спасовски.

Вчера во Скопје се одржа протестен марш поради случајот Јавна соба на кој беше побарано расчистување на случајот, казни за сторителите, помош за жртвите и внесување на злоставувањето на интернет во кривичниот законик. Случајот Јавна соба датира од пред една година, кога беа пријавени првите слоупотреби, но цела година остана во предистражна постапка. Пред 10-ина дена пак се актуелизираше со нови слоупотреби и со помасовна акција од надлежните.