Покрај пријава за организаторот на последниот протест на роднините и поддржувачите на обвинетите во случајот „Монструм“, за непочитување на протоколите и мерките за заштита од ковид-19, ќе има и кривични пријави за лица кои уништувале државен имот, приватни објекти и возила на полицијата, како и напади на службени лица информираше денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Протестот е демократско право, но непочитувањето на законските прописи ќе бидат казнети. Ние во единицата за насилен криминал и беа идентификувани и вчера беа повикани 14 лица на разговор во полиција. За тие што ќе се утврди одговорност ќе бидат поднесени пријави“, изјави министерот.
Сите повикани во полиција, како што појасни Спасовски, се полнолетни, освен едно лице, кое во полицика станица било повикано со родител.
На протестот за „Монструм“ пред десетина дена, на кој учествуваа неколку стотини лица, беше побарано ослободување на обвинетите, кои според демонстрантите се невини за случајот. Дел од демонстрантите, пред крајот на протестот фрлаа со камења и петарди кон полицијата и ги навредуваа полицајците кои го обезбедуваа протестот. На заминување, според полицијата, биле регистрирани и нарушувања на јавниот ред и мир. Протестот беше организиран по барањето на Обвинителството за доживотен затвор за обвинетите за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година.