Седумнаесет членови на организирана криминална група беа уапсени денеска, изјави српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин на прес-конференција во Белград. Криминалната група, која, како што изјави министерот, ја предводеле Вељко Беливук, наречен Веља Невоља, и Марко Миjковиќ, е основано осомничена за убиства, изнуди, киднапирања и трговија со дрога, јавија дописниците на Радио Слободна Европа од Белград.
Полициските службеници рекоа дека станува збор за група која се крие зад навивачката група Партизан и рекоа дека криминалните организации нема да бидат посилни од законот.
„Ние сме решени дека Белград ќе биде безбеден град и дека нема повеќе да има криминални организации кои се слични или посилни од Земунскиот клан. Таа група се криела зад навивачката група на Партизан, но тие воопшто не се навивачи, туку обични криминалци, ние ќе ја докажеме улогата на секој од нив поединечно. Го направивме она што го планиравме со месеци и ќе завршиме со сите вакви криминални групи“, рече на прес-конференцијата Веселин Милиќ, началник на Полициската управа Белград.
Тој изјави дека оваа група е одговорна за „монструозни злосторства извршени во последните десет години“.