Украинскиот претседател Володимир Зеленски забрани три телевизии обележани како проруски, во обид да се бори против влијанието на Кремљ, соопшти денеска кабинетот на претседателот. По одлуката на Советот за национална безбедност, Зеленски потпиша указ со кој се воведуваат санкции за прорускиот пратеник Тарас Козак и осум компании што ги поседува, вклучувајќи три телевизии. Иако тие телевизии официјално му припаѓаат на Козак, тие се сметаат за сопственост на друг проруски пратеник Виктор Медвеџук, близок до рускиот претседател Владимир Путин, кој редовно го посетува Кремљ.
Украина отвори истрага за обидите за мешање во изборите во САД
„Тие телевизиски канали одамна заборавија на новинарските стандарди откако станаа инструмент на војна против Украина и добиваат средства од Русија. Затоа тие сега се блокирани со цел да се заштити националната безбедност“, соопшти украинското претседателство. Кремљ ги осуди одлуките и оцени дека со тоа се загрозува слободата на изразување. Украинската одлука беше поздравена од Соединетите држави, а ЕУ побара објаснување за потегот на Киев. Повеќе од 13.000 луѓе загинаа од 2014 година во судирите меѓу проруските бунтовници и украинските безбедносни сили на истокот на земјата.