Собранието не ја прифати интерпелацијата за работата на Никола Димитров, со што останува на функцијата вицепремиер за европски прашања. За интерпелацијата гласаа 53 пратеници, против беа 55 пратеници, воздржани немаше.
Дебатата помина со многу обвинувања меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата, која побара Димитров веднаш да поднесе оставка.
Ова е трета интерпелација за Димитров во изминатите три и пол години, првите две беа во својство на министер за надворешни работи.
Според опозицијата, причина за интерпелацијата е манипулацијата на јавноста за добивање на датумот, низата неуспеси на надворешната политика, брзоплетоста на потпишувањето на договорот со Бугарија кој прави големи проблеми на државата и за недобивањето датум за пристапни преговори со Европската унија. Му забележуваат и за нетранспарентност во неговиот однос кон Собранието, како и дека власта преговара за идентитетот и јазикот.
За владејачката СДСМ интерпелацијата е неаргументирана и со неа ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги амортизира владините успеси на надворешен план.
Вицепремиерот Димитров рече дека излагањата, темите и личните напади денес му ја потврдиле тезата дека интерпелацијата нема многу тесна врска со неговата реална работа.