Струмичките актери кои се незадоволни од изборот за нов директор на Центарот за култура во Струмица и министерката за култура Ирена Стефоска, на денешната средба во Скопје, се договорија до понеделник да се најде најдоброто решение на проблемот.
Актерите се незадоволни по изборот на Васил Бубев за директор, кој во моментов е директор на градинките, а претходно работел како професор по физичка култура во ОУ „Гоце Делчев’“ во Василево. Актерите бараат од министерката Стефоска да го поништи конкурсот, бидејќи одбиени беа магистер по културен менаџмент и актер со речиси 30-годишно искуство.
„Си дадовме време да го најдеме најдоброто решение во интерес на драмскиот ансамбл и Центарот за култура во Струмица. Им благодарам што со нивната гласност ми помагаат и мене и на сите културни работници во земјата, новиот Закон за култура кој е во процедура што побрзо да биде донесен, бидејќи во тој закон меѓу новитетите е и еден од условите за станување раководител на институција, а тоа се високите стручни квалификации во областа“, рече министерката Стефоска.