ВМРО-ДПМНЕ до Државната изборна комисија(ДИК) достави Иницијативата со која бараат укинување на Законот за попис, а Иницијативата ќе биде доставена и до Собранието. Опозициската партија предлага пописот да се одложи за пролета 2022 година. Засега е предвидено попис да има во април годинава.
„Апелираме од владата и до надлежните во парламентот да го прифатат предлогот на опозицијата за електронски попис. Не го изложувајте здравјето на граѓаните. Не бевте способни да го заштитите, не бевте способни да донесете вакцини за тие кои што сакаат да го заштитат здравјето вакцинирајќи се, да им го овозможите тоа, овој пат барем направете електронски попис“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Премиерот Зоран Заев рече дека ќе го разгледа предлогот на претседателот на државата Стево Пендаровски, за одложување на пописот за два месеци. Претседателот Пендаровски предложи да се направи компромис за пописот и двете спротивставени политички опции да си подадат рака.
За да се одложи пописот потребна е политичка одлука, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА.
„Има Закон или ќе се приклучат сите да го извршуваат законот или ќе се случи тоа што најавуваат дека ќе се случи. Едни најавуваат дека собираат потписи, други викаат ќе спроведеме закон, трети викаат некои други предуслови. Тоа е веќе политичка дебата на која јас како претседател на Собранието не би сакал да се вклучам. Надлежностите на Собранието беа да се донесе закон“, вели Џафери.
Според претседателот на Собранието, Законот за попис овозможува тој да биде соодветно спроведен и секој граѓанин кој ги исполнува условите да биде попишан, а толкувањата во однос на припадниците на етничките заедници вели дека се прават за политички цели.