Русија и САД го продолжија договорот за нуклеарно оружје

Руско оружје

Русија и САД формално го продолжија договорот за контрола на нуклеарното оружје „ New START“ за уште пет години, само неколку дена пред истекот на истиот.

„Продолжувањето на договорот ги прави САД и нивните сојузници и партнери побезбедни. Неограничената нуклеарна конкуренција би нè загрозила сите нас“, рече американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Со Договорот се ограничува бројот на распоредени нуклеарни боеви глави и системи за испорака и предвидува режим на верификација.

Постоечкиот договор истекуваше на 5 февруари.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека продолжувањето на договорот дава можност за продолжување на дијалогот за контрола на вооружувањето.

„Ќе бидат потребни значителни напори да се врати дијалогот во оваа област на стабилна траекторија, за да се постигнат нови големи резултати што ја зајакнуваат нашата национална безбедност и стратешка стабилност во светот. Русија е подготвена за таква работа", соопшти руската дипломатска служба.