Протест за „Јавна соба“: За одговорните казни, помош за жртвите

Фотографија од денешниот протест пред Министерството за внатрешни работи

Под мотото „Јавна соба е кривично дело!” и со пароли "Жртвата никогаш не е виновна", "Непостапувањето е соучество", "Нашето Не, не значи Да" ,Жртвата никогаш не е виновна”, „Полицајците треба да не штитат, а не да бидат дел од Јавна соба”, „Заспани џандари, будни силувачи”... денеска во Скопје се одржа протестен марш за поддршка на жртвите од групата „Јавна соба“ и за целосно расчистување на случајот и казнување на одговорните за злоупотреба на лични податоци и фотографии од девојки во оваа интернет група на платформата Телеграм.

Протестот почна пред зградата на Министерството за внатрешни работи, со почитување на протоколите за заштита од ковид-19, и заврши пред зградата на Јавното обвинителство, каде присутните побараат расчистување на случајот кој го сметаат за кривично дело. Демонстрантите побараа да се пронајдат креаторите и администраторите на групата, а не само „да се затвораат групите“. Тие велат дека жртви на сексуално насилство има многу, но дека „се плашат да пријават во полиција, бидејќи полицијата не постапувала по ваквите пријави“.

Видео од протестот поради случајот „Јавна соба“ пред МВР, 3 февруари 2021

Организаторот, Платформата за родова еднаквост, и поддржувачите на протестот, побараа и внесување на злоставувањето преку социјалните мрежи и на интернет во Кривичниот законик. Демонстрантите бурно реагираа и на коментарите на дел од јавноста која по случајот со Јавна соба коментираше дека „тие девојки се сами виновни, зошто се фотографирале и споделувале интимни фотографии“.

Видео од протестот поради случајот „Јавна соба“ пред Јавното обвинителство, 3 февруари 2021

Во групата „Јавна соба“, која во моментов е затворена по интервенција на МВР, се појави лани и во неа беа споделувани приватни фотографии и лични податоци од претежно малолетни девојки од Македонија. Тогаш имаше реакција од належните институции, но случајот остана во предистражна постапка цела година. Групата повторно се актуелизираше пред десетина дена со нови злоупотреби, по што имаше полициска интервенција во која беа уапсени 4 лица, а групата затворена. Во јавност се јавија и неколку девојки - жртви на челнови на групата. МВР вели дека истрагата не е завршена и дека се работи на целосно расчистување на случајот, а министерот за правда Бојан Маричиќ најави дека се подготвени законски измени кои се однесуваат на вакви дејствија.