Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека ќе го разгледа предлогот на претседателот на државата Стево Пендаровски, за одложување на пописот.
„Го видов предлогот да се одложи пописот на месец два. Јас сум секогаш спремен, се е вредно за размислување. Лето знаеме дека попис не се спроведува, а септември е кампања, октомври е изборен период за локалните избори. И да размислиме за месец ипол да завршиме некаде до јуни, гледам тоа веќе опозицијата го одби. Уште еднаш ја испраќам пораката да бидеме одговорни и да го спроведеме пописот“ рече Заев.
Претседателот Пендаровски предложи да се направи компромис за пописот и двете спротивставени политички опции да си подадат рака – власта да се согласи пописот да заврши до средината на јуни. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека предлогот на Пендаровски е задоцнета реакција.
Опозицијата бара пописот да биде електронски за да се заштити народот од зараза и да се добијат веродостојни резултати, обвинувајќи ја власта дека сака од пописот да направи политичка операција. Од власта велат дека пописот е неопходна статистичка операција која е во основата на развојот на државата и дека мора да се спроведе.