Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска информираше дека вакцинацијата против ковид-19 во земјава ќе почне со кинеските вакцини за чија набавка разговорите се во завршна фаза. Според него, се работи за 200.000 вакцини за кои транспортот ќе го организира Министерството за здравство, но додаде дека не сака да шпекулира со точниот датум кога вакцините ќе пристигнат, иако нагласи дека тоа ќе биде многу скоро.
Министерот рече дека први за вакцинација ќе бидат здравствените работници, по што ќе следуваат и сите други категории граѓани. Набавката е преку директно договарање со кинеската компанија и Министерството, а компанијата, како и во случајот со „Фајзер“, нема некои посебни услови, освен тој договор да остане во тајност.
Филипче рече дека се работи за прилично комплицирани преговори со многу детали бидејќи самите компании производители се наоѓаат под голем притисок и се преплавени со барања од целиот свет. Тој додаде дека продолжуваат и контактите со „Фајзер“, со претставништвата во Белград и во Романија, од каде што сѐ уште се чекаат документите за да се дозволи Србија да ги извезе кај нас.