Данска денеска соопшти дека планира да развие дигитален пасош за коронавирус за да овозможи странски патувања и повторно отворање на општеството. Пасошот ќе им овозможи на Данците да документираат дека биле вакцинирани против Ковид-19 за деловни и други патувања во странство, соопшти Министерството за финансии, пренесе германската новинска агенција ДПА.
Како дел од проектот беа поканети претставници од конфедерацијата на данската индустрија, Данската трговска комора и културниот сектор. Според планот, луѓето ќе можат да се најават на веб-страница и да го проверат статусот на имунизација против ковид-19 од крајот од февруари. Развојот на дигитален пасош и апликација веројатно би траеле уште три до четири месеци.
„Ова е светло на крајот од тунелот за многу компании“, рече Брајан Микелсен, шеф на Данската трговска комора.
Пасошот е можно да го користат луѓе што сакаат да посетат ресторани, конференции, музички фестивали и спортски настани. Многу делови од данското општество остануваат затворени до 28 февруари, иако аптеките, продавниците за храна и супермаркетите сè уште се отворени. Од 29 јануари, околу 184,000 луѓе во земја од 5,8 милиони ја примиле својата прва доза на вакцинација.