Лидерите на Британија и Европската унија ќе се состанат денеска за да разговараат за претстојниот крај на грејс-периодот за трговија и деловни активности во Северна Ирска за да ги прилагодат своите системи за снабдување со реалноста по Брегзит, соопшти британската влада, наведувајќи дека ќе предложи неколку конкретни чекори за крајот на грејс-периодот, кој треба да истече во март. Откако Британија ги напушти економските структури на Европската унија на крајот на 2020 година, царинските и ветеринарните проверки се воведени на стоки што се движат меѓу Британија и Унијата. Според условите за развод меѓу Британија и ЕУ, има и проверки на британска стока што оди во Северна Ирска, бидејќи таа дели граница со Ирска, членка на ЕУ.
Велика Британија воведува карантин во хотелите за своите граѓани кои доаѓаат од ризични места
Отворената граница помеѓу Северна Ирска и Република Ирска е клучен столб на мировниот процес што стави крај на децениското насилство во регионот. Со излегувањето на Британија од ЕУ, единствениот начин да се избегнат проверки долж таа граница беше да се задржи Северна Ирска поврзана со некои од правилата на ЕУ - а тоа значи проверка на трговијата меѓу Северна Ирска и остатокот од Британија. На таа одлука се спротивставуваат про-британските унионистички политичари, кои велат дека станува збор за граница во Ирското Море помеѓу Северна Ирска и остатокот од Британија. Чувствителноста на статусот на Северна Ирска беше нагласена минатата недела, кога ЕУ се закани дека ќе забрани испорака на вакцини за коронавирус во Северна Ирска, како дел од потезите да се засили снабдувањето на блокот.