Шест лица биле убиени во американската држава Оклахома, меѓу кои и пет мали деца. Лицето осомничено за убиствата е уапсено, соопшти локалната полиција, а пренесува АП.
Полицијата пронашла едно лице со пиштол на самото место во градот Мускоџи, оддалечен 72 километри од Тулса. Четирите деца и возрасното лице биле убиени на самото место, додека петтото дете починало во болницата.
„Не веруваме дека ова се случило случајно, но сè уште немаме доволно детали“, изјави Лин Хамлин од полицијата.
Таа додаде дека една жена е пренесена во болница со сериозни повреди.
Во меѓувреме двајца агенти на американското Федерално биро за истраги биле убиени на Флорида, додека уште тројца се ранети, потврдено е од оваа агенција. Нападот се случил за време на извршување на налог за судски претрес. Убиено е и лицето осомничено за нападот.
Според Ројтерс, агентите се обидувале да го пребарат местото на кое се вршеле наводни злосторства врз деца. ФБИ соопшти дека двајцата ранети агенти се во стабилна состојба. Ова е прва голема смртоносна престрелка врз агенти на ФБИ за време на извршување на нивната должност во последните неколку години.