Две години по потпишувањето на Договорот за добрососедство, тешко е да се препознае напредок, па на негово место настана недоверба, напади и штетни дејствија, изјави денеска бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, во емисијата „Бугарија наутро” на ТВ „Бугарија он ер”, јави МИА од Софија.
Бугарија лани во декември стави вето на преговарачката рамка на Европската унија и Македонија со образложение дека Скопје не го исполнува Договорот за добрососедство. Софија ги отвори прашањата за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, кои за македонската страна се црвените линии, за кои, според македонскиот премиер Зоран Заев, нема да се преговара.
Според амбасадорот Ангелов, „преголемите емоции ја правеле целата работа посложена и оти треба да се мисли попрагматично, дека сите инструменти треба да се применуваат заедно – од историјата до економијата, оти тоа е најправилен пристап“. Тој оценува дека Бугарија покажала добра волја во однос на Северна Македонија во изминатите години, но нивната земја, како што рече, има своја национална позиција, усвоена со консензус од Националното собрание.