Денеска одлука на Судот во Москва дали Навални ќе оди во затвор

По судското рочиште, Навални е придружуван од полицијата во Кимки, Москва, 18 јануари 2021 година

На судско рочиште денеска ќе биде разгледана можноста за претворање на условната казна на опозиционерот Алексеј Навални во затвор од 3 и пол години заради наводно кршење на условната слобода. Руското обвинителство вчера соопшти дека го поддржува барањето за претворање на условната казна на Алексеј Навални во затворска казна. Рускиот опозициски политичар е во притвор во траење од 30 дена, обвинет за кршење на условите за условна казна за проневера во случај за кој, како што рече, бил лажиран. За денеска се најавени и протести за поддршка на Навални.

Соработничката на Навални во куќен притвор до март

Мониторинг групата ОВД-Инфо соопшти дека 5.135 лица биле приведени на митинзите ширум Русија на 31 јануари за поддршка на Навални. Притоа, како што се наведува, полицијата користела палки и електро шокови за разбивање митинзите во Москва и на други места. Втор викенд по ред, десетици илјади граѓани се осмелија да излезат на улиците за да го бранат Навални и да го искажат своето незадоволство од владата на претседателот Владимир Путин за низа прашања, од корупција до паѓање на животниот стандард. Соединетите држави, Европската унија и организациите за човекови права го осудија насилството од страна на руската полиција врз сопствените граѓани, како и притворањето на новинарите.

Блинкен најави можна реакција на САД за случувањата во Русија

Амнести Интернешнл соопшти дека полицијата во Москва ги држи луѓето во објекти за депортација затоа што на нив им „снемало простор“ во затворите. 44-годишниот критичар на Кремљ беше приведен на 17 јануари по враќањето од Германија, каде што се опоравуваше од труење со нервен отров, за кое тој и приврзаниците велат дека го извршила ФСБ по наредба на Путин. Кремљ ги отфрли обемните докази дека агентите на ФСБ го отруле Навални и ги отфрлија повиците за негово ослободување. Еден ден по неговото враќање во Русија, импровизираниот суд во полициската станица му нареди на Навални да остане во затвор 30 дена до очекување на судењето.