Во Русија денеска стапи во сила закон со кој се обврзуваат операторите на социјалните мрежи да бараат и да го блокираат пристапот до мрежни покани за приклучување на неовластени демонстрации и протести, јави германската новинска агенција ДПА.
Содржината за тероризмот и државните тајни исто така не треба да биде достапна преку Интернет, се наведува во законот. Тој предвидува блокирање и на упатствата за производство на дрога, детска порнографија, охрабрување на самоубиство и изјави кои не го почитуваат рускиот Устав.
Руските власти се свртеа против социјалните мрежи во последните неколку дена по повиците на интернет за протести за поддршка на затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални. Казни веќе се изречени на Фејсбук, Твитер и Јутјуб.
Навални е познат по тоа што е особено активен на социјалните мрежи. Неодамна тој го објави видеото „Палата за Путин“, во кое се претпоставува дека се работи за масивна палата на рускиот претседател на Црното Море, објави ДПА. Кремљ го негираше ова. За време на викендот, две недели по објавувањето, доверлив човек на Путин пријавил дека е сопственик на палатата. Видеото е прегледано повеќе од 106 милиони пати на Јутјуб.