Зибери ветува дека нема да потклекне на влијанија

Новиот нароеден правобранител Насер Зибери

Новоизбраниот народен правобранител Насер Зибери денеска по давањето на свечена изјава во Собранието рече дека ќе ги искористи сите правни инструменти за да испрати порака до ограните на управата и другите носители на јавни функции, дека функцијата Народен правобранител не е само декор во системот, туку бедем на заштита на слободите и правата на граѓаните.

„Јас во ниту еден момент нема да потклекнам на влијание, било од политички, бизнис, економски или секакви центри. Напротив, ќе се обидам докрај во рамките на надлежностите што ми ги дава Уставот и законот да останам достоинствен во одбрана и заштита на правата на граѓаните гарантирани со устав и закон“, изјави Зибери.

Инаку Зибери беше пратеник во македонското собрание од Партијата за демократски просперитет во два мандата, а во втората половина на деведесетите години беше и министер за труд и социјална политика. На последните парламентарни избори одржани во 2020 година, Зибери беше кандидат на ДУИ за прв премиер Албанец. Тој на позицијата народен правобранител доаѓа по Иџет Мемети, кој ја раководеше оваа институција 16 години.

Собранието минатиот месец го избра Зибери за нов народен правобранител, а опозицијата се спротивстави на изборот и по паузата од расправата не присуствуваше на гласањето во собраниската сала.