Актуелниот бугарски претседател Румен Радев денеска изјави дека очекува да биде заедно со Илијана Јотова во претседателски/потпретседателски тандем за наредните претседателски избори, кои ќе се одржат во Бугарија до крајот на годината, јави МИА од Софија.
Радев вели дека е сигурен дека ќе ја добијат довербата на Бугарската социјалистичка партија (БСП) како нивни кандидати, изразувајќи увереност оти довербата меѓу нив и БСП за нова Бугарија е зацврстена во досегашните четири години.
„Се надевам дека ќе бидеме заедно со БСП“, рече Радев, кој ги одби барањата на новинарите да ги коментира протестите во Русија и апсењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални, појаснувајќи дека освен полскиот претседател Анджеј Дуда, ниту еден друг претседател на држава од ЕУ не го коментирал јавно тоа прашање, јави МИА.