Германија се закани со тужби поради доцнење на анти-ковид вакцините

Илустрација - вакцината на „АстраЗенека.“

Германската влада се закани дека ќе ги тужи лабораториите кои „не ги почитуваат обврските“ за испорака на вакцините во Европската унија, во момент на зголемување на тензиите околу доцнењето со испораката на британската компанија „АстраЗенека.“

„Ако се покаже дека фирмите не ги почитувале своите обврски треба да одлучиме за судските последици. Ниту една земја не може да фаворизира друга земја во однос на ЕУ“, изјави германскиот министер за економија Петер Алтмајер во разговор за германскиот весник „Ди Велт.“

Работите се заострија последните недели меѓу европските лидери и британската лабораторија „АстраЗенека“ која доцни со испорака на вакцините против Ковид-19.

Групата објасни дека може да испорача „само четвртина“ од првично ветените дози за ЕУ во првиот квартал, како што беше наведено, поради производство само во една европска фабрика.

Европската унија индиректно ја обвини „АстраЗенека“ дека ја фаворизира Велика Британија во испораката на своите вакцини на штета на договорените обврски со Брисел.

ЕУ во петокот реагираше на тоа и усвои механизам за контрола на извозот на антиковид вакцините произведени на нејзина територија.

Алтмајер рече дека тој механизам ќе овозможи забрзување на испораката на вакцините.

Бтитанската „АстраЗенека“ не е единствената лабораторија која ЕУ ја повикува поради доцнење во испораката на вакцините.

Минатата недела Италија исто така ѝ се закани на американската компанија „Фајзер“ дека ќе ја тужи поради доцнење во испораката на вакцините.

Вакцината „АстраЗенека“ во петокот беше одобрена за употреба во ЕУ. Тоа е трета вакцина која ја одобри Европската агенција за лекови (ЕМА), по вакцината на „Фајзер и Бионтек“ и на Модерна на 6 јануари.