Денеска беа презентирани законски измени подготвени од Министерството за правда во кои ќе биде додаден термин „Демнење“, со што ќе биде воведено и ново дело кое ќе биде дополнителна заштита, соопшти Министерството за правда.
Соопштението доаѓа откако министерот за правда Бојан Маричиќ денеска се сретна со една од девојките жртви на групата „Јавна соба“, на која Маричиќ и честитал на храброста да проговори јавно за „нејзините премрежја“ и за нејзиниот јавен настап кој предизвикал „силна“ општествена реакција, наведува Министерството за правда.
Измени на Кривичниот законик беа најавени, откако групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм предизвика бројни реакции во јавноста.
Случајот повторно се актуелизираше деновиве, бидејќи беше обелоденето дека на социјалната мрежа над 5.600 членови во групата споделуваат експлицитни фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки.
МВР ја затвори групата, но соопшти дека во меѓувреме следи слична група на социјалната мрежа.
Министерството за правда соопштува дека меѓу измените на законот ќе биде додаден член со кој се објаснува тернинот „Демнење“, односно дека ќе се казнува со парична казна или со затвор до три години за тој што истрајно и за подолго време неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице.
„Со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на телекомуникациски или други средства за комуникација или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице“, наведува Министерството за правда.
Пред една година за прв пат беше обелоденет во јавноста случајот за групата „Јавна соба“, за кој од јавното беше соопштено дека за тој случај сз уште се води предистражна постапка. Сопственикот и администраторот на групата тогаш беа идентификувани од страна на МВР.