Активистите за 31 јануари закажаа втор круг протести на национално ниво во Русија, против корупцијата во Владата и барање за ослободување на Алексеј Навални, осум дена по одржувањето на првите про-Навални протести, додека руската полиција ги засилува акциите против приврзаниците на опозицискиот лидер.
Судот во Москва на 29 јануари одреди двомесечен домашен притвор за братот на Навални, како и за неколку други негови сроаботници, во услови кога руските власти се обидуваат да ги спречат протестите.
Домашен притвор до 23 март беше одреден за Олег Навални, братот на Алексеј, како и за адвокатот на Навални во Фондацијата за борба против корупција (ФБК) Љубов Собол и за Олег Степанов – координаторот во седиштето на Навални во Москва.
Домашен притвор беше одреден и за членката на протестната група „Пуси Риот“, Марија Алјохина и за шефицата на синдикатот на Алијансата на лекарите Анастасија Ваислјева. Сите беа приведени и обвинети за кршење на ограничувањата поради пандемијата на Ковид-19, бидејќи според обвиненијата повикувале на масовни протести.
Навални и неговите соработници планираат на 31 јануари да бидат одржани протести на национално ниво, по демонстрациите кои минатиот викенд беа одржани во десетици градови во Русија, на кои десетици илјади луѓе бараа ослободување на опозицискиот лидер. Полицијата приведе скоро 4.000 луѓе.
За најавените протести, полицијата во Москва објави планови за ограничување на движењето во главниот град и за затворање на седум централни метро станици во рамки на подготовките за „неовластените“ протести казниви со закон.
Навални беше затворен пред судското рочиште закажано за средината на февруари поврзано со претходна пресуда за проневера, за кое се смета дека е политички мотивирано.
На 28 февруари судот ја одби неговата жалба за неговото апсење, а Навални ги повика неговите поддржувачи да излезат на улиците.
Навални беше уапсен на аеродромот во Москва на 17 јануари, по неговото пристигнување од Германија каде добиваше третман поради труење со нервниот агенс Новичок.
Западните земји бараат ослободување на Навални, додека Кремљ ги отфрла таквите барања.
Демонстрантите утрешните протести сакаат да ги фокусираат пред седиштето на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).