Угостителите бараат унифицирани протоколи за работа

Илустративна фотографија.

Претставници на Независната угостителска комора (НУК) денеска во Владата се на средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Претседателот на НУК Здравко Јосифовски за МИА изјави дека продолжувањето на работното време по 21 часот нема да биде тема за дискусија до стигнување на вакцината, но дека бараат од Комисијата за заразни болести и од Министерството за здравтво да се формира група за изготвување на унифицирани протоколи кои ќе ја опфатат целокупната угостителска индустрија.

„Така ќе знаеме под кои услови кој како ќе може да работи. Во спротивно, повторно ќе се вратиме на крпениците од протоколи, на секоја недела-две еден час повеќе или помалку да се работи, музика денес да има, утре не, некој направил журка ама сите ќе ги казниме“, вели Јосифовски.

НУК очекува Владата да има слух за барањата на угостителите, кои како што рекоа, се совпаѓаат со новиот сет економски мерки.

„Очекуваме Владата да ги исполни, да ни излезе во пресрет, но и да ни каже колку пари може да одобри за секое од нив и под кои услови“, вели Јосифовски.

Петте барања на НУК се безусловна помош за вработените во угостителската индустрија до крајот на пандемијата, односно додека траат ограничувањата за работа, надомест во вид на неповратен грант за штетата направена со последната рестриктивна мерка од декември која траеше до 20 јануари и кога работното време на угостителите беше до 18 часот.

Потоа, угостителите бараат достапност до долгорочни, бескаматни државни кредити, изедначување на ДДВ за угоостителските субјекти согласно ветените 10 проценти, како и одлагање или репрограмирање на сите извршни постапки врз угостителите и угостителската иундустрија.