Судот во Москва го стави во двомесечен домашен притвор братот на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални, како и неколку негови сојузници, во услови кога руските власти се обидуваат да ги спречат протестите кои втор викенд се одржуваат на национално ниво, во врска со третманот на државата врз критичарот на Кремљ.
Последниот потег од 29 јануари против соработниците на Навални доаѓа откако полицијата во Москва објави планови за ограничување на движењето во главниот град и за затворање на седум централни метро станици во рамки на подготовките за „неовластените“ протести казниви со закон.
Навални и неговите соработници планираат на 31 јануари да бидат одржани протести на национално ниво, по демонстрациите кои беа одржани во десетици градови минатиот викенд на кои десетици илјади луѓе бараа ослободување на опозицискиот лидер. Полицијата приведе скоро 4.000 луѓе.
На 29 јануари, во домашен притвор до 23 март беа ставени Олег Навални – брат на Алексеј, адвокатот на Навални во Фондацијата за борба против корупција (ФБК) Лубов Собол, како и Олег Степанов – координатор во седиштето на Навални во Москва.
На членката на протестната група „Пуси Риот“, Марија Алјохина и на шефицата на синдикатот на Алијансата на лекарите Анастасија Ваислјева, исто така им беше одреден домашен притвор од два месеци.
Сите беа приведени и обвинети за кршење на ограничувањата поради пандемијата на Ковид-19, бидејќи повикувале на масовни протести.