Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение објавено денеска, бара премиерот Зоран Заев и власта да се откажат, како што се наведува, од спроведување на насилен попис кој ќе биде фалсификат.
„Чии бројки веќе однапред коалиционо ги договориле и наместо тоа да се организира електронски попос кој сите ќе го поддржиме“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата сметаат дека електронскиот попис ќе се спроведе врз основа на јасна методологија, со „мечирање на повеќе бази на податоци.“
Реакциите се во насока на донесувањето на Законот за попис кој беше усвоен во Собранието на 21 јануари оваа година. Тогаш пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не беа во собраниската сала и претходно најавија дека ќе собираат потписи од граѓаните за поништување на овој законот.
Од владејачката СДСМ во денешно соопштение наведуваат дека секоја политичка партија има обврска да го поддржи пописот, кој според нив обезбедува „сигурен и предвидлив развој на државата.
„Пописот на населението што ќе се одржи на пролет ќе обезбеди целосни, точни и релевантни податоци, како основа за градење на стратегии и политики за натамошен развој на државата“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата велат дека пописот ќе го спроведат професионални државни институции, како Државниот завод за статистика и дека ќе се организира според сите меѓународни стандарди.
„По комбиниран модел, со класично попишување на терен, но и со користење на бази на податоци кои ги има државата“, велат од СДСМ.