Позитивно е што Христијан Мицкоски најавува дека ВМРО-ДПМНЕ се откажува од идејата за бојкот на пописот закажан за април оваа година и СДСМ тоа го поздравува, се наведува во реакцијата на СДСМ откако вечерва во интервју за Канал 5 лидерот на ВМРО-ДПМНЕ предложи да се спроведе електронски попис и ја отфрли идејата за бојкот.
„Очекуваме дека разумот ќе преовладее кај сите и дека по цели 19 години Македонија ќе спроведе попис без мешање на политиката, солгасно стандардите и праксите на Евростат и Обединетите Нации. Секоја политичка партија има обврска пред државата и граѓаните да ги поддржи процесите, државата, институциите да добијат точни податоци за структурата на населението и домаќинствата, демографски податоци за општините и регионите а тоа е возможно само со спроведен попис согласно сите меѓунардони стандарди,“ се наведува во реакцијата на СДСМ на изнесените ставови на Христијан Мицкоски .
Мицкоски меѓудругото предложи пописот да се одложи за шест до 12 месеци кога, како што рече нема да има ниту избори, ниту ваква кризна ситуација. Неговиот најнов предлог е да се спроведе електронски попис врз основа на пример од некоја земја која направила такво нешто.
„Да ги вкрстиме базите, дефинирани врз основа на методологијата и ќе ги прифатме резултатите такви какви што ќе излезат, без некакви си двоен, троен потпис. Тоа што ќе го пресмета сметачката машина тоа нека биде“, рече Мицкоски во интервју за „Само вистина“ на Канал 5.
Законот за попис донесен, за ВМРО-ДПМНЕ нема да биде реален
Доколку не биде слушнат и овој нивен апел, тој најави дека ќе ги повика, не само македонските граѓани тука, туку и дијаспората да се потпишат за поништување на Законот за попис, со што како што рече ќе се остави трага во системот која ќе биде предмет на ревизија од идната влада на ВМРО-ДПМНЕ.