Врховниот суд на Косово денеска делумно ја отфрли жалбата на Движењето самоопределување на претходните одлуки на Централната изборна комисија и на Изборниот панел за поплаки и претставки, по што на лидерот на таа партија Албин Курти дефинитивно му се ускратува правото да учествува на вонредните парламентарни избори на 14 февруари.
Курти и уште двајца кандидати на Самоопределување, Албулена Хаџиу и Бајрам Мавриќи, согласно неодамнешната одлука на Уставниот суд на Косово, немаат право на учество на овие избори, затоа што биле правосилно осудени за кривично дело во последните три години.
Споменатите тројца кандидати во септември 2018 година се осудени со конечна судска одлука на условна казна затвор во траење од над една година, заради пуштањето димни бомби во косовското Собрание и попречување на службени лица во вршењето на должноста.Забрана за учество на изборите, освен на Курти, Хаџиу и Мавриќи, им е изречена на уште околу 40 кандидати од партиите ААК, Социјалдемократската иницијатива (Нисма), Партијата на Ашкалиите за интеграција (ПАИ) и Нова демократска странка (НДС).
Косово - проверката на гласачите во дијаспората и изборниот хаос
Уставниот суд на Косово на 21 декември го прифати барањето токму на партијата на поранешниот премиер Курти за прогласување за неважечки на еден од гласовите на пратениците за избор на владата на Абдулах Хоти и одлучи дека треба да се организираат вонредни парламентарни избори.