Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир денеска изјави дека преговорите со Европската Унија ќе започнат тогаш кога ќе има договор со Бугарија, притоа истакнувајќи дека тоа не треба да биде причина да не се продолжи со спроведување на реформите.
„Точно е дека преговорите ќе почнат тогаш кога ќе има договор, меѓутоа, нема причина во меѓувреме да се чека да не се спроведуваат реформите, бидејќи тоа само ќе го забрза патот понатаму и тоа е во интерес на сите граѓани. Колку повеќе напредуваме во реформите, толку поблиску ќе биде државата кон Европската Унија“, изјави Гир на онлајн конференцијата „Улогата на медиумите и граѓанските организации во процесот на интеграции“.
Гир повтори дека ја разбира нетрпеливоста во однос на дискусиите за преговарачката рамка, бидејќи, како што рече, луѓето сакаат да се движиме напред и да видат што е можно поскоро отворање на преговорите.
„Патот на којшто сега се наоѓате е двонасочен – првиот е билатерално да продолжи ангажираноста со Бугарија, нешто што и сега Владата го прави, со цел да се постигне заемно прифатливо решение и второ да се продолжи со напредокот во реформите“, подвлече евроамбасадорот Гир.
Тој порача дека преговарачкиот процес е сеопфатен и комплексен процес, што влијае врз секој аспект од животот, но како што рече, бенефитите од пристапувањето ќе бидат многу појасни и поконкретни во текот на самиот процес на пристапување.