Договорот со Фронтекс се уште не е потпишан поради резервите на Бугарија за формулацијата „македонски јазик“
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска изјави дека договорот меѓу С. Македонија и Фронтекс не е потпишан затоа што Бугарија има резерва во однос на формулацијата „македонски јазик“.
Димитров вели дека земјата е меѓу првите што ги затвори суштински и содржински преговорите во однос на правата, обврските, одговорностите од Фронтекс, а за регулација на ова прашање има интерес и во самата ЕУ, со оглед на георгафија на РСМ.
„Мигрантската криза 2015 и 2016 година, балканската рута и специфичната територија, ја прави македонската граница важна за ова прашање“, изјави денеска Димитров на конференцијата „Улогата на медиумите и граѓанските организации во процесот на интеграции“.
Европската Унија е во процес на потпишување на договор со земјите од Западен Балкан за Фронтекс, односно за интегрирано гранично управување, една од стратешките точки во борбата против „нелегалната миграција“ на ЕУ, бидејќи земјите од регионот се наоѓаат на клучната „балканска рута“. Во последните две години, ЕУ ваков договор потпиша со Албанија, Црна Гора и Србија. Со Северна Македонија договорот за Фронтекс е инициран во јули 2018, но до денешен ден останува непотпишан.
Деимитров на конференцијата рече дека се посветени земјата да го почне пристапниот процес со ЕУ. Тој вели дека исклучително важно е преговарачката рамка да се фокусира на напредокот во реформите, а не во неа историјата да добие централно место.
Според него, оттаму е многу важно и нашите пријатели во Брисел и во земјите-членки да помогнат овој пристапен процес навистина да биде заснован на мерит и навистина да значи носење на европските принципи и стандарди во Северна Македонија. Димитров рече дека при неодамнешната посета на Брисел, заедно со шефот на дипломатијата Бујар Османи, ги освежиле македонските позиции.