Законското решение не е пречка да се одржи успешен попис, проблемите се околу неговата политизација, порача претседателот Стево Пендаровски на денешната координација на државниот врв и градоначалниците организирана од Државниот завод за статистика за претстојниот попис.
„Проблемите не се ниту законски, ниту технички, ниту здравствени, туку во неговата непотребна политизација, која се креира во јавноста со повици за бојкот ако резултатите не отсликуваат нечија замислена бројка“, рече Пендаровски.
Според него, ако постои една работа што треба да не исплаши, тоа е таа на иселени граѓани. Претсдетаелот на Собранието Талат Џафери порача дека пописот не е и не смее да биде политичка операција.
Премиерот Зоран Заев вели одлуката за бојкот на пописот е најлошата одлука што може да ја донесе некој политички субјект, бидејќи, како што вели, освен што е правно недозволив, бојкотот носи само конфузија меѓу граѓаните, сериозна штета за државата и ништо добро, ништо позитивно.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски изјави дека методологијата за спроведување на пописот закажан за април месец ќе биде објавена во Службен весник како јавен документ и ќе ги содржи сите информации до најситен детал за неговото спроведување.
Собранието на 21-ви овој месец го донесе Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во земјата, Пописот треба да се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, со употреба на лаптоп, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.
Ова е прв попис после 19 години. Последниот државата го спроведе во 2002 година. Пописот кој почна да се спроведува во 2011 година беше прекинат откако Пописната комисија поднесе колективна и неотповиклива оставка.