Народниот праводбранител утврдил потежок вид продолжена дискриминација од страна на МВР врз полициска службеничка по основ на пол и род, информира Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Комитетот поднел претставка до Правобранителот за случајот на полициска службеничка во Единицaта за специјални задачи во МВР за неможност да напредува во кариерата ниту професионално и стручно да се обучува во работата. Народниот правобранител потоа утврдил дискриминација во тој случај, која трае до денес, и покрај упатените препораки до Министерството со цел да бидат отстранети сите неправилности и недостатоци, информираат денеска од Хелсиншкиот комитет. Бараат од МВР во најкраток можен рок да постапи по дадените препораки и да ја прекине, како што велат, долгогодишната пракса на дискриминаторски однос спрема полициските службенички вработени во рамки на Министерството.
Полициската службеничка додека била на породилно отсусто била распределена на канцелариска работа, а и по отсуството продолжила административна работа, иако барала да се врати во специјалната Единица. Од МВР рекле дека не можеле да ја унапредат додека е на породилно отсуство. Службеничката до командирот поднела две барања за заштита од вознемирување на работно место, но на ниту едно од барањата не и било одговорено. Дополнително добила ново решение со кое се прераспределува на уште пониско работно место – полицаец во Одделението за обезбедување на објекти од посебно значење.
Констатацијата на Народниот правобранител е дека од Министерството сами потврдуваат дека жените за време на породилното отсуство не можат да бидат унапредени бидејќи не присуствувале на тренинзи и обуки кои се задолжителни за полициските службеници. Ваквото системско решение, велат од Хелсиншки комитет, упатува жените да бидат соочени со мирување во нивната служба во Министерството доколку се решат да станат мајки и да забременат, со што нивната положба е многу понеповолна од положбата на мажите.