Тим на меѓународни експерти кои истражуваат како почна пандемијата со ковид-19 денеска во Кина се состанаа со тамошни научни и ја посетија болницата во градот Вухан, која беше една од првите што лекуваше пациенти со ковид. Тимот на Светската здравствена организација (СЗО) прво помина две недели во карантин. Тие планираат да посетат лаборатории, пазари и болници во Вухан, за што имаат на располагање две недели. Во Вухан за првпат беше идентификуван ковид-19 кон крајот на 2019 година.
Независните експерти исто така планираат да разговараат со некои од првите пациенти кои имале ковид-19.
Во меѓувреме, денеска се очекува Европската агенција за лекови (ЕМА) да препорача одобрување на употреба на вакцината на британско-шведската компанија АстраЗенека.
Европската комисија потоа може да и даде формално одобрување во рок од неколку часа, со што вакцината ќе биде третата вакцина што се употребува во ЕУ, после вакцините на „Фајзер-БиоНТех“ и „Модерна“.
ЕМА може да препорача вакцината на АстраЗенека на почетокот да ја употребуваат само помлади луѓе, поради релативно скудни податоци за нејзината ефикасност кај оние на возраст над 65 години. Но и од овие вакцини првично ќе има значително помали испораки отколку што беше ветено.
Фирмата најави дека на ЕУ во првичната испорака ќе и обезбеди само околу една третина од ветената сума, со што предизвика вознемиреност кај европските лидери.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја повика АстраЗенека да ги исполни своите обврски кон Унијата.