Партијата Левица денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд со кој ја спори уставноста на неодамна донесениот Закон за попис.
„Со цел да се прошверцува, беше ставено европско знаменце, но сите пет европски регулативи се лажно фингирани. Нема законски дефиниции, нема утврдена методологија, нема образец за прашалник, нема утврдено резидентно население...“, изјави лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција.
Според него, Законот за попис ја повредува приватноста, со тоа што дава можност да се даваат лични податоци за отсутен член на домаќинството
„Дополнително, Законот за попис е во директна колизија со дури три специјални закони кои се однесуваат на Системот на кризен менаџмент кој е веќе покренат. Имено, до 30-ти јуни имаме прогласено кризна состојба и до овој датум не е возможно правно да се спроведе попис“, рече Апасиев и побара статистичката операција да биде одложена барем за една година.
Против Законот за попис е и ВМРО-ДПМНЕ, од каде тврдат дека владејачкиот СДСМ со пописот нема да спроведе статистичка операција, туку политичка, и најавија дека ќе собираат граѓански потписи за повлекување на законот. Од власта децидно велат дека се е законски и дека во април ќе има попис.