Лидерот на руската опозиција во притвор, Алексеј Навални ги повика неговите приврзаници да излезат и во наредниот викенд на демонстрации на национално ниво, додека властите ги предупредуваат демонстрантите да не излегуваат на улица. Во писмото објавено на неговата веб-страница, откако судот ја одби жалбата против неговото апсење, Навални ги повика Русите да го тргнат стравот и да организираат нови протести. „Излези, не плаши се од ништо. Никој не сака да живее во земја во која владее тиранијата и корупцијата. Мнозинството е на наша страна“, вели Навални.
Навални останува во затвор, рускиот суд ја одби неговата жалба
Навални и неговите соработници планираат протести на национално ниво на 31 јануари, по демонстрациите во десетици градови во минатиот викенд на кои излегоа стотици илјади луѓе и покрај бруталната полициска акција. Во демонстрациите полицијата приведе скоро 4.000 лица. Навални беше уапсен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија, каде што се опоравуваше од скоро фаталното труење со нервен отров во август, за кое го обвини претседателот Владимир Путин, тврдење што Кремљ го негира. Судењето на 2 февруари ќе утврди дали претходната условна казна ќе биде претворена во 3 и пол години затвор во врска со случајот за проневера што се смета за политички мотивиран.