Владата по извештајот на Транспаренси Интернешнл за индексот на корупција во земјата соопшти дека е цврсто решена да ја промени сликата и перцепцијата во борбата против корупцијата, а тоа е и еден од главните приоритети на „Акција 21- европски стандарди дома“. За борба против криминалот и корупцијата, според Владата, потребни се независно обвинителство и независни судски органи. Владата, како што се наведува во соопштението, ги обезбедила сите услови за реформа во правосудството и со право се очекува резултат и секој што се огрешил по законот да сноси одговорност.
„Имаме и решителност, и храброст, и план и знаење како да се справуваме со корупцијата и криминалот. Без разлика што намалувањето на перцепцијата за корупцијата е процес побавен од фактичкото намалување, уверуваме дека ќе се менува перцепцијата кај граѓаните, со секоја следна судска одлука, со секоја следна фаза од прочистувањето кое започна и кое покажува видливи резултати. За алармот кој доаѓа од последниот извештај на „Транспаренси Интернешнл“ сме свесни и укажуваме дека ништо нема да ги поколеба институциите кои стојат во првите борбени редови против корупцијата. Владата и граѓаните се на иста страна кога станува збор за борба против корупцијата“, се наведува со соопштението од Владата.
Северна Македонија е рангирана на 111 место, а тоа како што се истакнува во соопштението, покажува и дека земјата го има истиот број поени како и во претходниот индекс, што е показател дека нема назадување во процесите. Од Владата напоменуваат дека истата организација пред еден месец ја рангирала земјата на второ место од земјите на Централна и Источна Европа, според Индексот за интегритет на владите во секторот одбрана.