Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието поставено од пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека за македонскиот идентитет и јазик ниту се разговарало ниту ќе се преговара.
„Може да добиеме уште 100 ултиматуми, уште 10 пати вето и блокада, на овие прашања нема да разговараме. Јас очекувам од Бугарија чисто признавање на македонскиот идентитет и јазик. Тврдиме дека членство во ЕУ која не ни признава и прифаќа македонски јазик и идентитет не ни треба. Не веруваме ние во таква ЕУ, нагласи Заев, додавајќи дека со бугарската страна креираат идеи да најдат решение.
На прашањето зошто го смениле Александар Литовски од заедничката комисија за историски прашања, Заев рече дека му завршил договорот и дека тој поради семејни идни предизвици на кои планирал да се посвети не сакал да му биде продолжен ангажманот.
„Влијание врз комисијата, тврдам, ниту имало, ниту ќе има и не смее да има затоа што таа Комисија е составена од професионалци, ние политичарите не сме и затоа нашиот став е историјата да ја оставиме на историчарите. Ги охрабруваме да продолжат да решаваат“, нагласи Заев.
Ласовска побара да изгласаат како и Бугарија декларација и тоа да биде појдовна точка за преговори. На тој начин, според неа, ќе се олесни работата на Комисијата и нема да има потреба потоа да даваат оставки.