Mинистерот за правда Бојан Маричиќ на фејсбук порача дека случајот „Јавна соба“ ќе биде катализатор за потребните законски измени да се случат побрзо, а јавната свест за проблемот да се издигне на повисоко ниво.
„Сите сме длабоко вознемирени од случајот „Јавна соба“ кој го потресе цело наше општество. Пред се како човек изразувам поддршка на жртвите кои поминале и сѐ уште поминуваат низ тежок период. Ги охрабрувам да бидат гласни и укажувам дека може да сметаат на нас, и дека заедно ќе се бориме против вакво зло“, напиша Маричиќ.
Тој додаде дека Министерството за правда ги изработило измените на Кривичниот законик со кои се обезбедува значително поголема заштита на жртвите, како оние од „Јавна соба“. Измените, според него, се во согласност со Истанбулската конвенција и опфаќаат широк спектар на случаи кога жртви на сексуално, психичко и физичко насилство се жените.
„Никој не треба да го премолчува насилството! Да не стравуваме, да бидеме гласни и заедно да се избориме против насилниците“, порача Маричиќ.