Украина започна истрага за обидите за мешање во претседателските избори во САД во ноември, минатата година. Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека Украина ќе стори се што е во нејзина моќ да ги изнесе пред правда силите во земјата и надвор од неа, кои се обиделе да ги нарушат односите меѓу Украина и САД.
„Истрагата е во тек и ги чекаме нејзините резултати. Истрагата мора да одговори на многу прашања“, додаде Јермак.
Министерството за финансии на САД на 11 јануари воведе санкции за неколку украински лица обвинувајќи ги за мешање на изборите во САД и здружување со проруски украински пратеник поврзан со напорите на тогашните сојузници на претседателот Доналд Трамп да најдат компромитирачки информации за Џо Бајден и неговиот син.
Барањето на Трамп до украинскиот претседател Зеленски за време на нивен телефонски разговор во јули 2019 година го принуди Претставничкиот дом да го обвини тогашниот претседател за две кривични дела. Трамп на крајот беше ослободен од обвиненијата од Сенатот на почетокот на 2020 година, но случајот ги наруши односите на неговата администрација со Киев.