Навални останува во затвор, рускиот суд ја одби неговата жалба

Алексеј Навални во видео обраќање на денешното рочиште.

Руски суд ја отфрли жалбата на лидерот на опозицијата Алексеј Навални против неговото апсење, откако властите ја засилија кампањата против критичарот на Кремљ со нови притвори на неговите соработници и предупредувања од полицијата дека ќе дејствува против демонстрантите кои се очекува да излезат на улица овој викенд за поддршка на 44-годишниот адвокат.

Судијата Муса Мусаев на денешното рочиште рече дека Навални ќе остане зад решетки до 15 февруари, со што се поддржува претходната пресуда со која се наложува тој да биде затворен за да дозволи друг суд да донесе одлука на почетокот на следниот месец за претворање на условна казна од 3 и пол години во реално затворско време во врска со случајот со проневера што се смета за политички мотивиран.

Навални, кој учествуваше на сослушувањето преку видео-врска, го нарече апсењето знак на „беззаконие“ што станало, според него, вообичаено во Русија со цел да го исплаши него и сите други.

„Тие сакаат да замолчат луѓе како мене.“ рече Навални, додавајќи дека сегашните власти на Русија не се господари на земјата и никогаш нема да бидат.

„Да, моќта сега е на ваша страна, но тоа нема да трае вечно“, додаде Навални.

По пресудата одбраната на Навални објави дека планира да поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права. Навални беше уапсен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија, каде се опоравуваше од скоро фаталното труење со воен нервен агенс во август, за кое обвини дека било нарачано од претседателот Владимир Путин. Кремљ ги негира тврдењата.