Приведени уште 2 лица за случајот „Јавна соба“

Апликацијата Телеграм. Илустрација.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информираше дека се приведени уште две лица поврзани со случајот „Јавна соба“ или вкупно 4. Две лица се од Битола, еден од Велес и еден од Штип, кои како што наведе министерот, се директни учесници во групата на Телеграм.

„Се работи на откривање кој ја креирал ваквата група и кои се биле членови. Секој еден кој се наоѓа во групата ќе се истражи и ќе понесе кривична одговорност, напиша Спасовски на Фејсбук.

Спасовски претходно на социјалната мрежа рече дека се приведени 2 лица и дека МВР работи во координација со јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите.

Случајот „Јавна соба“ повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм над 5.600 членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. Во меѓувреме, девојки-жртви во случајот јавно почнаа да сведочат за злоупотребата, а психолози и здруженија понудија помош за жртвите.